Историјат

Почетоците на СЕЦ Добра Вест – Скопје датираат од есента 2005 година, кога неколку христијански семејства во Скопје, поранешнио членови на конгрешанската црква, водени од љубовта кон Христос и желбата да работат на градењето на Неговото царство, почнаа да се молат и да бараат водство од Бог за начинот на нивното понатамошно служење.

Во молитвите и меѓусебните разговори Бог постепено ја развиваше идејата за основање на нова црква во Скопје. Поддршка за ваквото видение малата група верници, која броеше 20тина души, доби и од пријателската црква Слободна Евангелска Црква од Ахен, Германија, со пастор Siegmar Mueller.

Првата служба беше одржана на 6 ноември 2005 година. На почетокот се појавија разните препреки со кои се соочуваа членовите на црква Добра Вест, како што беше неможноста да се регистрираме како црква пред властите. Пет години траеше борбата во законските лавиринти која заврши со пресуда од страна на врховниот суд во наша полза, по што ни беше дозволена регистрацијата на црквата.

Не помал проблем беше недостигот на финансиски средства за плаќање на просторија во која би се собирале, купување на опрема за славење и обезбедување на останати ресурси за служење во Делото на Бог.

Но сите тие проблеми не го згаснуваа копнежот на верниците за духовен растеж, поголема посветеност во служењето и градењето на Христовото тело. Водени од реалното господство на Исус Христос, набргу успеавме да почнеме со организирање на неделни богослужби а во текот на неделата верниците се собираа во две домашни групи.

Групата за славење се надополнуваше со нови славители, се започна со неделно детско училиште, тинејџерски часови, младински часови, собирања за мажи, собирања за жени и други активности. Така црквата порасна во консолидирано Христово тело, препознатливо во РМакедонија по посветното изучување на Светото Писмо, учеништво и евангелизирање.

И сето тоа благодарение на верноста на нашиот Господ. Грешките се само наши а победите само Негови.
Soli Dei Gloria. Само на Бог Му припаѓа славата.